Македонија

Ковачевски – Мелони: Воздушната НАТО патрола над нашето небо ќе ја реализира Италија

26.05.2023 21:57

Во фокусот на телефонскиот разговор, помеѓу премиерот Ковачевски и премиерката Мелони, беше претстојното патролирање на македонското небо, од страна на италијанските воздухопловни сили. Овој процес е согласно НАТО принципите на заменливост...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во телефонски разговор со премиерката на Италија, Џорџија Мелони, разговараше за повеќе актуелни прашања за нашата држава и за регионот. Во фокусот на телефонскиот разговор, помеѓу премиерот Ковачевски и премиерката Мелони, беше претстојното патролирање на македонското небо, од страна на италијанските воздухопловни сили. Овој процес е согласно НАТО принципите на заменливост, а премиерите разговараа околу усогласувањето на потребниот технички аранжман помеѓу двете држави, по чиешто потпишување Италија и официјално ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија над македонското небо.

Во разговорот, премиерот Ковачевски, изрази жалење за жртвите во поплавите што зафатија делови од Италија овој месец, за што Северна Македонија веќе понуди тимови за помош во санирањето на последиците, во форма каква што е потребна и можна.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за зајакнатата улога и лидерството на Италија, кога се работи за европските перспективи на Северна Македонија и на регионот, односно за тоа што новата Влада, којашто ја предводи премиерката Мелони, го постави Западен Балкан високо на приоритетите во надворешната политика. Во разговорот беше посочено дека Италија целосно ја поддржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО и дека процесот на европско обединување нема да биде комплетен без земјите од Западен Балкан.