По вчерашните нереди, мирно на северот на Косово
Мирно на северот на Косово по вчерашните нереди пред општински згради кои и утрово се под полициско обезбедување. Во Белград состанок на Советот за национална безбедност. Претседателот Вучиќ со песимистички прогнози за решавање на косовското прашање. Меѓународната заедница со осуда за насилствата…

Седница на Советот за национална безбедност во Србија по најновите инциденти на северот на Косово. Во нередите во општините со мнозинско српско население има повредени. Борбената готовност на војската останува на највисоко ниво иако утрово е мирно во тој дел од Косово. Полицијата и натаму ги обезбедува општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавич.
„Претседателот на републиката рече и предупреди во последните неколку дена дека Курти нема да запре и ќе продолжи со активности чијашто цел е дополнително загрозување на српската заедница. Србија е целосно посветена на продолжување на дијалогот. Не сакаме ескалација на конфликтот, не сакаме војни, не играме воени игри“, изјави Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.
Претседателот Александар Вучиќ со песимистички прогнози за решавање на косовското прашање. На митингот во Белград, меѓу другото, најави и повлекување од лидерската позиција на Српската напредна партија.
„Почнуваме да формираме Движење на за народот и за државата за да имам основа, поддршка за зачувување на нашата земја во наредните две – три кризни години, кои ќе бидат решавачки за Србија. Сакам да знаете дека нема каде да одиме, ни вршат притисок со лаги, измами, трикови од сите страни. Ништо лошо не сме му направиле никому“, рече претседателот Вучиќ.
Тензиите во општините со мнозинско српско население во Косово се случија откако новоизбраните градоначалници на изборите што ги бојкотираа Србите ги презедоа функциите и влегоа во општинските згради. Во судир на косовската полиција со Србите беа повредени десетина лица.
Меѓународната заедница со осуда за постапките на косовските власти. Според државниот секретар на САД Ентони Блинкен, ова ќе се одрази на билатералните односи меѓу Косово и Србија. ЕУ нагласи дека нема да прифати никакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија.
Маја С. Филдишев
