Општина Босилово бара помош од Владата за санација на мост во интерес на земјоделците
Центарот за управување со кризи препорача општина Босилово да го забрани за користење на мостот на река Струмица кај Секирник бидејќи еден од носечките столбови е паднат. Општината пак, бара помош од Владата да се санира со оглед дека овој мост го користат земјоделци од пет населени места и поврзува 50 хектари земјоделско земјиште…

Нема одговор дали Владата ќе обезбеди средства за санација или пак за изградба на нов мост на река Струмица кај населеното место Секирник, кој го користат земјоделците од пет населени места во Општина Босилово. Градоначалникот Ристо Манчев признава дека нема пари општината за таа намена и дека веќе е доставено барање до институциите да се помогне.
Мостот ги поврзува обработливите површини од пет населени места во Општина Босилово. Земјоделците признаваат дека го користат пред сè со трактори со придружна механизација и запрежни возила за обработка на нивите и пренос на произведените количини.
Центарот за управување со кризи препорача мостот да не се користи, пред сè заради безбедност на земјоделците, бидејќи еден од носечките столбови е паднат и претставува потенцијална опасност да се сруши целиот мост.
Ване Трајков
