Вељаноски ја повика опозицијата да се врати во Собранието!
Отсуството на пратениците од коалицијата предводена од СДСМ не може да ја блокира работата на законодавниот дом, но јавно ќе ги повикувам да седнат во пратеничките фотељи, за собранието да функционира во полн состав, брифираше спикерот Трајко Вељаноски на средбата со медиумите.

За десеттина дена на собраниска седница ќе се носи одлука за избор на собраниските тела. Потоа комисијата за избори ќе треба да излезе со персоналните решенија. Местата што и припаѓаат на опозицијата независно дали станува збор за позиции утврдени со деловникот или со досегашната практика, според првиот парламентарец, засега ќе останат празни или ќе има овластени пратеници што ќе ја извршуваат функцијата се до конечната одлука на СДСМ.
Од СДСМ засега без одговор, што со освоените мандати, кои се веќе верификувани и објавени во службен весник. Формулацијата неприфаќање на мандатите, којашто ја користи опозицијата ја нема како правна норма оттука и неизвесноста дали решението ќе се бара во оставки или неоправданото отсуство подолго од 6 месеци по што со гласање и двотретинско мнозинство ќе може да им се одземат мандатите од СДСМ- најава дека стратегијата ќе ја обелоденат откако, таа ќе ја помине внатрепартиската процедура.
Собраниското кадрова служба, врз основа на верификуваните мандати веќе ги изготвува решенијата со кои пратениците се обврзуваат дека функцијата ќе ја извршуваат професионално.
Кога ќе ги потпишат, пратениците добиваат правата и обрските, вклучувајќи ја и месечната плата. Според Вељаноски процедурата би траела околу еден месец.
Виолета Димовска
