Државна матура полагаат 15.620 матуранти
15.620 ученици се соочија со задолжителниот тест по мајчин јазик и литература, првиот од двата екстерни испита за матуранти. Вториот испит кој е изборен меѓу седум предмети ќе се полага на 10-ти јуни. Најголем интерес има за англиски јазик...

Полни со надеж, очекување и возбуда пред претстојните академски или кариерни предизвици, средношколците од завршните години дојдоа да полагаат државна матура. 15.620 ученици се соочија со задолжителниот тест по мајчин јазик и литература, првиот од двата екстерни испита за матуранти.
Вториот испит кој е изборен меѓу седум предмети ќе се полага на 10-ти јуни. Најголем интерес има за англиски јазик за кој се пријавиле 13.922 ученика. Математика ќе полагаат 1.397. Дел од матурантите се определија за француски, германски или руски јазик, неколкумина само за естетика и филозофија.
Одржувањето на државната матура до скоро беше во неизвесност поради штрајкот за повисоки плати на вработените во Државниот испитен центар.
Согласно договореното меѓу МОН и Сојузот на средношколци, полагањето на државната матура е олеснето со намалување на обемноста на тестот по мајчин јазик односно помалку прашања во содржината на тестот, кој ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени.
Втора шанса за полагање на државната матура се испитите закажани за 9-ти и 11-ти август.
Анита Димитријевска Велковска
