Македонија

Ќе заживее ли спортскиот аеродром во Куманово?

27.05.2023 12:55

Ќе заживее ли спортскиот аеродром во Куманово? Општината го доби во владение дел од просторот, а во тек се процедури и за спортската писта. За атрактивната локација веќе имало и заинтересирани инвеститори. Надлежните велат дека би ја задржале примарната намена...

Општина Куманово е новиот сопственик на објектите на спортскиот аеродром Аџитепе. Кумановскиот градоначалник Димитриевски информира дека побарале, а нешто подоцна и го добиле под владение и сопственост од државата овој објект. Во тек е постапката и за спортската писта и просторот околу аеродромот.

„До пред шест месеци беше ничија земја, не беше впишан во ниту еден документ, ниту во сопственост на државата, ниту во сопственост на општината. Беше оставен на забот на времето и единствено коишто се грижеа, но неофицијално, не со документација беа спортскиот Аероклуб Куманово, на коишто сме горди, коишто постојат повеќе од 90 години“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Согласно постапката објектите првин треба да бидат во сопственост на државата, а подоцна и на општината. Станува збор за атрактивна локација, за која веќе и имало заинтересирани инвеститори.

„Сепак би ја задржале примарната намена, а тоа е спортски аеродром со дополнителни можности за развој на еден карго, а зошто не и еден патнички аеродром, но тоа се сè размислувања. Постојат можности за отворање на место каде што би се обучувале спортски пилоти, зошто да не и пилоти за патничкиот авионски сообраќај, така што можностите се големи“, дополни Димитриевски.

Кумановскиот аеродром започнал да функционира од 1948-ма година, иако во документите се споменува уште во 28-та. Пистата на Аџитепе е долга над 2.000 метри, а во употреба се 1.000 метри должина. Изминатиот период тука се одржаа неколку настани и манифестации.

Елена Георгиевска