Регион

Мирно, но тензично на северот на Косово

27.05.2023 13:13

Мирно, но тензично на северот на Косово по нередите пред општински згради, кои се под полициско обезбедување. Во Белград, состанок на Советот за национална безбедност…

Општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавич остануваат под силно полициско обезбедување на косовската полиција по нередите во кои вчера имаше повредени. Борбената готовност на српската армија и натаму на највисоко ниво. Во Белград, Совет за национална безбедност. Во соопштение државниот врв и членовите соопштија:

„Договорени се сите неопходни безбедносни активности за зајакнување на одбранбените капацитети, КФОР и НАТО не си ја завршија работата во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Воено-техничкиот договор од Куманово“.

„Претседателот на републиката рече и предупреди во последните неколку дена дека Курти нема да запре и ќе продолжи со активности чијашто цел е дополнително загрозување на српската заедница. Србија е целосно посветена на продолжување на дијалогот. Не сакаме ескалација на конфликтот, не сакаме војни, не играме воени игри“, изјави Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Србија.

Меѓународната заедница со осуда за последните инциденти. НАТО бара од Приштина итна деескалација на ситуацијата. Според САД, нередите дополнително го нарушуваат односот Белград-Приштина. ЕУ предупреди-неприфатливи се секакви дополнителни еднострани или провокативни дејствија.

„Благодарност до полицијата за професионализмот, тие како и секој ден и вчера покажаа дека се подготвени да му служат на поредокот, законот како професионалци, бестрашно и достоинствено и покрај тешките услови предизвикани од групи кои се водени од параполитички структури од таа страна на земјата“, напиша косовскиот премиер Курти на Фејсбук. Ги повика сите граѓани, особено Србите, да соработуваат со новите градоначалници и нивните кабинети, за кои, тврди дека ќе бидат мултиетнички и повеќејазични. „Секоја друга опција ќе беше неисполнување на уставните обврски на нашата Влада кон новите претседателите, и неисполнување на обврските на новите претседатели кон граѓаните на републиката“, напиша Курти.

Тензиите во општините со мнозинско српско население во Косово се случија откако новоизбраните градоначалници на изборите што ги бојкотираа Србите ги презедоа функциите и влегоа во општинските згради. Оштетени се повеќе службени возила на полицијата, новинарските екипи и на ЕУЛЕКС. На неколку локации беше пријавено и пукање поради што е отворена истрага.

Маја С. Филдишев