Матурантка од Охрид обесправена, ја нема на список за полагање државна матура
Матурантка од охридската гимназија, денес спречена да полага матура. Поради административен пропуст, неа ја немаше на списокот и беше вратена дома. Поради административен превид, ученичката го пропушта рокот за упис на факултет во Словенија, реагираат револтираните родители. Од Бирото за образование велат дека ученичката е обесправена, министерот најави дека ќе го испита случајот…

На матурантката Тијана Силјаноска од Охрид денес ѝ беше скратено правото да полага државна матура. Нејзиното име не беше на списокот меѓу 200 матуранти од охридската гимназија „Свети Клиемнт Охридски“, па беше вратена дома.
Таткото револтиран, вели поради превид на надлежните во училиштето, девојчето кое е солиден ученик, нема да може да се запише на планираниот факултет за Физиотерапија во Словенија.
„Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана сега тоа право и е спречено од толку агилната администрација и директорката во гимназија. Нека сноси некој одговорност, нека види кој е виновен. Девојчето моментално е под седативи дома“, вели Боби Силјаноски, родител.
Се работи за административен пропуст од февруари, но никој до денес не алармирал. Случајот го пријавија до сите надлежни инспекторати, од каде велат дека ученичката е обесправена.
„Значи можам да кажам слободно дека тој ученик е обесправен. Констатирано е дека ученичката во моментот на давање на списокот не била присутна на училиште и не била потпишана во списокот за кандидати коишто треба да ја полагаат државната матура, но тоа не дава за право да ја нема на списокот за матура, што значи дека кои било претставници од педагошко- психолошката служба во училиштето, треба да сносат одговорност“, вели во телефонска изјава за МРТВ Марјан Бошалески- советник во Биро за развој на образование, подрачно одделение Охрид.
„Мојата ќерка била оправдано отсутна од школо. Никој до ден денес не ѝ кажал дека пријавата не е потпишана“, додава Силјаноски.
На Тијана ѝ е скратено и првото два пати да полага државна матура, таа ќе може само еднаш и тоа во август. Министерот за образование најави дека ќе го испита случајот.
Соња Рилковска
