Високо образование

Нобеловецот Шехтман- почесен професор на УКЛО

27.05.2023 13:50

Нашиот второформиран Универзитет „Свети Климент Охридски“ од денес за почесен професор го има и првиот нобеловец, израелскиот академик проф. д-р Ден Шехтман. Тој ова признание го добил во 2011-та година за научните откритија за квазикристали во областа на хемијата…

Израелскиот нобеловец Ден Шехтман од денес е дел од академската фела на УКЛО. Со врачување на повелбата и свечената одора, тој е промовиран за почесен професор „Хонорис кауса“, највисоко почесно признание што го негува кој било светски универзитет. 82-годишниот нобеловец важи за едно од најголемите живи имиња во областа на науката. Научник кој ги дефинирал научните текови од крајот на 20-от век и откритијата на квази кристали од областа на хемијата. Тој порача дека најважното национално богатство на една земја се луѓето и самосвеста.

„Тоа што ѝ треба на Македонија е економски успех кој ќе ги врати младите назад во државата. Но, со цел да се направи тоа на вашата земја потребни ѝ се што повеќе високообразовани лица од научната сфера. Универзитетот е токму местото каде тој кадар се раѓа и подготвува“, рече професорот Шехтман.

Од нашиот второформиран универзитет велат дека се исклучително задоволни што го добиле првиот нобеловец за почесен професор и очекуваат тоа да влијае на меѓународниот рејтингот на оваа високонаучна институција.

По свечената церемонија, новиот почесен професор одржа свое предавање, а на крајот се заблагодари на гостопримството и укажаната чест во текот на вчерашниот ден да биде примен и од претседателот Стево Пендаровски.

Стевче Митревски