Политика

Владата од понеделник ќе ја разгледува иницијативата за уставни измени, Ковачевски ќе го покани Мицкоски на средба

27.05.2023 14:56

Владата очекува предлогот на Комисијата за уставни измени со шесте додадени народи да стигне в понеделник и да го дебатира на седница. Премиерот Ковачевски вели, не се сомнева во квалитетот на предложеното, судејќи според составот на работната група. Најави ќе го повика и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, на средба за носење одлуки за евроинтеграцијата во следните десетина дена…

Од понеделник Владата ќе ја разгледува предлог-иницијативата за уставни измени изработена од страна на работната група. Ковачевски најави дека ќе го покани на средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за да разговараат за носењето одлуки.

„Јас планирам и да го поканам во текот на наредните 10 дена на средба на којашто ќе разговараме за две теми. Првата тема ќе биде коишто јас ќе ги предложам како теми, првата тема ќе биде како домаќин, нормално како претседател на Влада, носењето на одлуки потребни за интеграција на Северна Македонија во ЕУ и второ, усогласување на ставови за односи со сите соседни држави на Република Северна Македонија“, изјави премиерот Ковачевски.

Запрашан за тоа дали албанските партии ќе го поддржат предлогот, имајќи го предвид нивното барање за бришење на „20 отсто“ од Уставот и да биде напишано албански јазик, Ковачевски рече дека многу јасни пораки дојдоа од претставниците на ЕУ и дека верува дека не само тие, туку и сите партии во Собранието ќе го поддржат предлогот.

Штом Ковачевски и Владата велат дека имаат мнозинство за уставни измени, ги повикуваме час поскоро до Собранието да ја поднесат иницијативата за промени на Уставот. Ковачевски вели дека имал храброст и ако таа храброст не ја изгубил некаде по пат или ако не му ја чуваат заклучена во фиока, нека се одважи и нека се појави во Собранието со овој предлог, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Под овие услови и под ваков диктат уставни измени нема да има, затоа што ВМРО-ДПМНЕ и народот тоа нема да го дозволат, категорични од опозицијата.

Катерина Топалова