Нова шанса за невработените: 400 лица можат да започнат свој бизнис

14.05.2014 16:56

Грантот што ќе го добијат е во висина од 3.000 евра, неповратни пари. Кандидатите ќе добијат и обука за претприемништво и експертска поддршка...

Невработените лица кои имаат добра бизнис идеја и желба за сопствен бизнис од утре ќе можат да аплицираат за огласот за самовработување. Грантот што ќе го добијат е во висина од 3.000 евра, неповратни пари. Кандидатите  ќе добијат и обука за претприемништво и експертска поддршка.

„Ги повикувам сите невработени лица кои имаа бизнис идеја да ја искористат оваа шанса и да аплицираат. Ова е одлична можност да добијат поддршка и да се самовработат, да развијат сопствен бизнис кој ќе придонесе и во развојот на македонската економија и во отворање нови работни места“, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Со грант од вкупно 7.500 евра ќе се субвенционира и отворање на пет работни места во микро и макро претпријатијата. Работодавачите ќе имаат обврска да ги задржат вработените една година.

„Лицата мора да ги задржат најмалку една година, но искуството покажува дека остануваат и повеќе од една година“, вели директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Во изминатите седум години во програмите за вработување владата вложила 18,5  милиони евра. За оперативниот план за 2014 обезбедени се 3,27 милиони евра.

Од јуни со двата огласи се очекува да се вработат 950 лица. Досега за програмите за самовработување аплицирале  повеќе од  21.000 , а над 7.000 ги завршиле обуките.

Од вкупно 5.835 бизниси една третина биле отворени од жени, а 2.000 од млади лица до 29 години.

 

Дијана Ценевска