Охрид

Планинската спасителна служба алармира на поголема внимателност

28.05.2023 10:42

Планинската спасителна служба во Југозападниот регион во земјава, годинава со полни раце работа. Изгубени, дезориентирани, повредени од пад во провалија, се најчестите интервенции на спасителите. Годинава интервенирале и во едно пребарување кое завршило со фатален крај, но и огромен број на извлекувања на заглавени граѓани и возила во НП Галичица…

Планинската спасителна служба во Југозападниот регион во земјава, годинава со полни раце работа. По несреќата, која се случи деновиве, кога дански државјанин падна од четирицикл и со тешки повреди заврши во болницата за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо во Охрид,спасителите апелираат на поголема внимателност. Особено до авантуристите кои сакаат планински велосипедизам, параглајдинг, офроуд, активности кои повлекуваат висок ризици и неретко бараат интервенција поради несреќи, повреди, или исчезнување.

„Да бидат добро информирани за тежината на патеките и активностите кои планираат да ги изведуваат, да бидат соодветно опремени и едуцирани и да не заборават на оној клучен фактор на ризик во текот на летото тоа е сонцето, високите температури, што значи да носат заштитна опрема со себе“, вели Антонио Додески од Планинската спасителна служба-Охрид.

Изгубени, дезориентирани, повредени од пад во провалија, се најчестите интервенции на планинската служба. Годинава спасителите интервенирале и во едно пребарување кое завршило со фатален крај, но и огромен број на извлекувања на заглавени возила на Галичица.

„Тука ни е главниот фокус и целата подготовка ја адаптираме да можеме да одговориме на сите овие предизвици. Исто така на Галичица се одржуваат и голем број настани во текот на летната сезона. Кои вклучуваат голем број на луѓе, така што подготвени сме да интервенираме во секој поглед во која било ситуација“, додава Додески.

Спасителната планинарска служба се грижи за сигурноста на посетителите. Освен спасување и давање на прва помош на повредени, важна активност на спасителната служба е едукацијата и превенцијата, односно спречување и избегнување на несреќи на непристапни терени.

Соња Рилковска