Ердоган или Киличдароглу, Турција избира претседател
Претседателот Ердоган во битка за нов мандат против противникот од опозицијата Киличдароглу кој ветува враќање на демократијата. Над 64 милиони гласачи решаваат кој ќе ги води во наредните пет години. Во првиот круг водеше актуелниот лидер со мала разлика…
Втор круг претседателски избори во Турција. Битката за челната позиција на државата се води меѓу Ердоган и Киличдароглу. Исходот од овој круг ќе значи или уште еден петгодишен мандат за актуелниот претседател или нова шанса за неговиот опонент кој ветува враќање на демократијата.
„Сакаме поголема демократија, поразумен режим од економски и други аспекти, некој кој нема да го дели општеството. Ердоган не работи за да ја подобри земјата.“
„Изборите се важни, внимателно ќе го следам резултатот бидејќи со нив ќе се реши како земјата ќе продолжи напред.“
Во последните денови од кампањата, ривалските страни се обидоа да ги убедат гласачите кои не излегоа во првиот круг да го остварат своето право во денешниот. За нов лидер се гласа на 192 места. Право на глас имаат над 64 милиони граѓани.
„Гласав за истиот кандидат како и претходно. За иднината на Турција, за правата, законот и правдата, за партијата која ја сакам. Не ми се допаѓа земјата ваква. Да бидам јасен, ако продолжи актуелната администрација, не гледам добра иднина.“
„Гласав во првиот круг, гласав исто сега, за истиот кандидат. За здравје и благосостојба на државата, единство и обединетост на земјата, за братство и просперитет. Татковината ни е на врвот, во добра состојба е. Патеката по која се движи е многу добра и така ќе продолжи.“
Во првиот круг на избори кој се одржа на 14-ти мај победи актуелниот претседател Ердоган кој одвои 49,5 отсто од гласовите, додека Киличдароглу имаше речиси 45 отсто од гласовите, недоволно за потребниот праг од 50%.
Покрај претседателските, во првиот круг се одржаа и парламентарни избори на кои се избираа членовите на Големото народно собрание кое има 600 пратенички места. Учествуваа 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот. Народната алијанса предводена од Партијата на правдата и развојот освои мнозинство во Парламентот.
Маја С. Филдишев
