Агелер: До крајот на годинава да се донесат одлуки за уставните измени
Ако до крајот на годинава не се донесат одлуки на тешките прашања за уставните измени, во американските институции ќе има дилеми за посветеноста на земјава во евроатлантските интеграции. Американската амбасадорка Агелер го повтори предупредувањето на Вашингтон. Холандскиот амбасадор Коп не очекува Бугарија да стави вето во преговарачкиот процес на државава, вели менувањето на преамбулата го гарантира почетокот на новата фаза…

Американската амбасадорка Анџела Агелер со нова порака за неопходноста од усвојувањето на уставните измени. Вели ако до крајот на годината не се донесат, како што рече – тешки одлуки за тешките прашања, во американските институции ќе има луѓе што ќе се прашуваат колкава е посветеноста на земјава во однос на европскиот пат.
Агелер не ја коментираше изјавата на сенаторот Марфи, но рече дека се согласува со неа. Високиот американски гостин минатата недела од Скопје порача ако земјава одлучи против уставните измени ќе се тргне од патот кон ЕУ што загрижувачки ќе се протолкува од членките на НАТО. Најави дека лидерите во САД ќе ги набљудуваат чекорите што ќе ги преземе земјава во следните месеци.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа вели дека менувањето на преамбулата е гаранција за почеток на новата фаза од преговорите. Амбасадорот потсети дека со помош на Европската Унија минатата година се постигна договор за да се вметне бугарското малцинство во Уставот, кој договор според него е најдобриот што земјава можела да го добие.
Владата на наредната седница ќе го разгледа предлогот што го усвои работната група за уставните измени. Постапката продолжува во Собранието, каде во првата фаза треба да добие двотретинска поддршка. Во наредните десетина дена се очекува и лидерска средба Ковачевски – Мицкоски, на која ќе се разговара за европската иднина и за односите со соседите.
Анита Димитријевска Велковска
