Анкета на ИПИС

Мицкоски со поголема доверба од Ковачевски, најголем дел од граѓаните не веруваат во ниту еден политичар

28.05.2023 15:03

Институтот за политички истражувања спроведе анкета, телефонско истражување за ставот на граѓаните околу поддршката на политичките партии и политичарите. Според резултатите, на прашањето ако парламентарните избори се одржат следната недела, ВМРО-ДПМНЕ би победиле пред СДСМ со 7 процентни поени. Има ставови и за договорот со „Бехтел и Енка“.

Христијан Мицкоски ужива најголема доверба според анкетата на Институтот за политички истражувања. Тој води пред Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски, Зоран Заев и Али Ахмети. Најмногу од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

Според анкетата на ИПИС, доколку следната недела има избори, 20 отсто од гласачите би се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 12,9 отсто би го поддржале СДСМ, а 6,5 отсто гласот би го дале за ДУИ. За Алијанса за Албанците би гласале 2,6 отсто, за Левица 3,3, понатаму, 2,3 отсто за БЕСА и 1,4% за Алтернатива.

За ниту една партија не би гласале 18,3 проценти од испитаниците, не сакале да кажат 14,6, а одговор немале 14,7 отсто.

Едно од прашањата во анкетата било и дали го поддржувате или сте против договорот со „Бехтел и Енка“ во сегашната форма како што беше потпишан од страна на Владата? Притоа, 45,1 отсто рекле дека се против договорот за изградба на автопатските делници, 24,8 го поддржуваат, а 30,1 отсто не одговориле.

Кога одговорите на испитаниците ќе се разложат според етничката припадност на анкетираните, договорот на Владата со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ужива поголема поддршка кај испитаниците Албанци.

Телефонското истражување за сопствени потреби го спровел ИПИС во периодот помеѓу 23 и 26 мај 2023 на 1.112 полнолетни испитаници на ниво на Македонија.

Катерина Топалова