Ердоган реизбран за претседател на Турција
Реџеп Таип Ердоган со освоени 52,14 насто од гласовите, успеа да победи во вториот круг на претседателските избори и да обезбеди нов 5-годишен мандат. Вети силна бора во „новиот век“ за Турција со приоритети на економијата, заздравувањето од земјотресите и враќање на мигрантите. Неговиот опонент, Киличдароглу кој освои 47,86%, не го призна поразот. Според турскиот Врховен изборен совет, и покрај тоа што се пребројани само 99,43 насто од гласачките кутии, разликата во непребројаните гласови нема да го измени резултатот …

Реџеп Таип Ердоган е реизбран за претседател на Турција во вториот круг на изборите. Успеа да го победи својот секуларен предизвикувач, Киличдароглу и да обезбеди нов петгодишен мандат. Во двата говори – во Истанбул и во Анкара, Ердоган изјави дека единствениот победник денеска е Турција. Вети дека ќе работи напорно за вториот век на земјата, која годинава ја одбележува својата стогодишнина.
„Никој не изгуби денес. Сите 85 милиони победија. Сега е време да ги оставиме настрана сите дебати и конфликти во однос на изборниот период и да се обединиме околу нашите национални цели и соништа. Исцелувањето на раните од земјотресите од 6-ти февруари, обновувањето на нашите уништени градови и поврзувањето на нашиот народ со животот ќе продолжи да биде на врвот на нашите приоритети. Ако некој може да го направи тоа, ние ќе го направиме. Каматната стапка е намалена на 8,5 во моментов и ќе видите дека ќе се намали и инфлацијата“, изјави Реџеп Таип Ердоган, новоизбраниот претседател на Турција.
Ердоган вети и нов проект за враќање на мигрантите во безбедни подрачја. Неговиот мандат сигурно ќе вклучува поделикатни маневри со колегите членки на НАТО околу иднината на Алијансата и војната во Украина.
Опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, пак, не го призна поразот. Обвини за нефер избори, порачувајќи дека ќе ја продолжи борбата.
„Го доживеавме најнефер изборниот процес во последниве години. Сите средства на државата беа мобилизирани во политичка партија. Ќе продолжиме да бидеме во првите редови на оваа борба додека не дојде вистинска демократија во нашата земја. Сакам да ги видам нашите 25 милиони граѓани кои гласаа за мене, да останат исправени и расположени. Нашиот марш продолжува и еве сме. Народот ја покажа својата волја за промена на авторитарна власт и покрај сите притисоци на овие избори“, изјави Кемал Киличдароглу, кандидат за претседател на Турција.
Победата на Ердоган освен во земјата беше прославена и од поддржувачите во Лондон, Газа и во Скопје. Лидерите ширум светот ги испратија своите честитки, истакнувајќи ја зголемената улога на Турција и Ердоган во глобалната политика.
Бојана Крстевски
