ОБСЕ за изборите: Македонија за 10 години оствари значаен демократски напредок

14.05.2014 17:22

Сериозни нерегуларности за полнење кутии, гласање за други лица, заплашување, вишок на гласови, креирање тензии.

Ова е оценката на ОБСЕ за изборите, но не за овие последните од минатиот месец туку за претседателските од 2004 кога за шеф на државата беше избран Бранко Црвенковски, а СДСМ ја прослави победата оценувајќи ги изборите како фер и демократски.
 
„Неправилностите на денот на изборите, на некои места, а особено во текот на вториот круг, фрлаат сенка на целиот процес. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР увиде инциденти на гласање за други лица , полнење на гласачки кутии и заплашување, што беше поочигледно во текот на вториот круг од гласањето, пишува во Извештајот од 2004 година во кој набљудувачите на ОБСЕ процесот на пребројување на гласовите во вториот круг го оценија  како лош и мошне лош дури во 21%  од набљудуваните гласачки места“, стои во извештајот на ОБСЕ.
 
Во извештајот е упатена и критика до ДИК дека приговорите од првиот круг се отфрлени според мошне ригидни критериуми, но и дека  вишокот на гласови создава загриженост за евентуална изборна измама. Сите овие нотирани нерегуларности тогаш беа небитни за победничката партија која триумфално го прослави резултатот на нивниот кандидат. 
 
Десет години подоцна истата партија се одлучува за бопјкот на парламентот по избори кои се оценети во неспоредливо подобар извештај на истите меѓународни набљудувачи. ОБСЕ на 28 април констатираше изборите беа мирни, ефикасно спроведени и без поголеми нерегуларностии.
 
Што мисли за бојкотот како политичка алтернатива Владимир Мисев од Институтот за демократија?
 
„Опозицијата има секое право да бара чистење условно кажано на дел од тие забелешки. Дали тие забелешки се доволна причина да се бојкотираат изборите како чин, за мене лично се нелегитимни, меѓутоа станува збор за проценка на најголемата политичка опозициска партија“, вели Мисев.
 
Во последниот извештај ОБСЕ наведува дека Македонија за 10 години остварила значаен демократски напредок, а  процесот го оцени како добар или многу добар во 96 отсто од набљудувањето.
 
 
Анита Димитријевска