Вевчани мака мачи со струјата
Вевчанци мака мачат со електричната енергија повеќе од една година. Прекините на електрична енергија доведуваат до чести дефекти кај домаќинските апарати но проблеми се јавуваат и во институциите, посебно во Здравствениот дом и детската градинка...

Повеќе од една година Вевчанци имаат проблеми со напојувањето на електричната енергија. Не само кај населението, проблеми се јавуваат и во институциите. Градоначалникот на Вевчани инсистира на што поскоро решавање на овој проблем.
„Секојдневно имам по неколку десетици повици и жалби од граѓаните и овој проблем барам што побргу да се надмине“, вели градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски.
Здравствениот дом во Вевчани поради секојдневните прекини на електрична енергија, трпи огромни финансиски штети.
„Многу краток прекин на електричната енергија за нас значи онеспособување на целата апаратура, повторување на анализите што доведува до доцнење на резултатите, повторна набавка на многу скапи реагенси и до чести дефекти кои мораме да ги отклонуваме кај апаратите“, изјави Наташа Богоеска, специјалист по медицинска Биохемија.
И граѓаните на Вевчани се жалат на овој проблем и бараат што поскоро решавање.
Секој ден по еден саат- два нема струја, страдаат апаратите. И мало невреме е проблематично за снабдувањето на електричната енергија. Некогаш нема струја со часови а се случува да нема и со денови, велат Вевчанци.
Од ЕВН Македонија не бегаат од одговорноста.
Од таму велат дека во Вевчани постојано се инвестира во електричната мрежа но дека најголем проблем се јавува поради конфигурацијата на теренот и временските неприлики.
Јованчо Наумоски
