Тензии на Косово, полицијата употреби солзавец да ги растера граѓаните
Локалните Срби во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток повторно се собираат за да ги спречат новите градоначалници да влезат во општинските згради. Покрај косовската полиција, присутен е и КФОР. Наставата во градинките, училиштата и факултетите е прекината...

Нови инциденти на северот од Косово. Граѓаните од српска националност повторно се собраа пред општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ каде што минатата недела со работа почнаа албанските градоначалници. Полицијата фрли солзавец врз групата во Звечан која претходно била пуштена од КФОР. Неколкупати се обидоа да влезат во објектот и да го пробијат кордонот на специјалните единици. Наставата во градинките, училиштата и факултетите е прекината. Граѓаните бараат повлекување на специјалните единици од локалната самоуправа.
„Ова е окупација, народот се собира за да прати порака на мирен и демократски начин дека сме загрижени за ситуацијата и иднината. Им порачуваме на РОСУ дека не припаѓаат овде. Овде има градинка, студентски дом, нашите деца се веќе истрауматизирани од петокот“, изјави Драгиша Миловиќ, Српска листа.
Тензично е и во Зубин Поток и Лепосавиќ. Меѓународната заедница со притисок врз Приштина – бара да не се обидува насилно да влезе во општинските згради. Косовската влада возврати – новите градоначалници одат во своите канцеларии.
„Имаме две барања: да нè пуштат во градските сали и да заминат оттаму. Додека се тие таму, ќе бидеме и ние. Можеби ќе нè избркате, но ќе ви се враќаме. Секој ден. Не знам какви намери имаат тие полициски сили. Јас сум со народот.“
„Ова е косовска територија. Ние сме сопствениците. Косовските граѓани ги имаат сите права. Србите ги имаа институциите, судовите, зошто ги напуштија? Ако сакаат да останат, добредојдени се, земјата им припаѓа на сите.“
Локалните избори на северот се одржаа откако во ноември минатата година, лидерите на четири северни општини, од Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, поднесоа оставка. Оваа партија ги напушти сите институции на Косово, поради одлуката на Владата во Приштина да го спроведе процесот на пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички. Изборите ги бојкотираше мнозинското српско население во областа, кое сега не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници.
Маја С. Филдишев
