Кривична пријава за возачот на автобусот кој се судри со воз кај Сарамзалино
Возачот е осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Од Штипското обвинителство информираат дека е поднесена кривична пријава и барање за мерка притвор.
„Се преземаат понатамошни дејствија за утврдување на причините на несреќата“, вели Анита Поп-Методиева, јавен обвинител во Свети Николе.
Повредените во страотната сообраќајна несреќа кај Сарамзалино се надвор од животна опасност. 8-мината најтешко повредени се задржани на лекување на скопските клиники. Стабилна е состојбата и на жената којка во сообраќајната незгода се здоби со потрес на мозокот и нагмечување на белите дробови.
Најтешко повредената 40-годишна пациентка во вчерашната сраотна сообраќајна несреќа која беше донесена во безсознание овде на скопските клиники и денеска е на апарати за дишење. Од клиниката за неврохирургија е префрлена на интензивно лекување на КАРИЛ каде е под постојан лекарски надзор.
Здравствената состојба на двата пациенти на неврохирургија се подобрува.
„Пациентот што беше примен на одделение со скршеница на черепот и со потрес на мозокот, состојбата кај него оди на подобро“, вели проф. д-р Александар Чапаровски , директор на клиниката за невро-хирургија.
На трауматологија со повреди на рбетот и екстремитетите примени се 5 пациенти. Двајца уште вчера се оперирани.
Во штипската и во велешката болница сеуште се згрижени 10 повредени. Останатите се пуштени на домашно лекување.
„Меѓу кои и трудницата, која е во добра општа состојба.Сите се во добра здравствена состојба“, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.
Сигнализацијата за предупредување функционирала, рампата била поставена според правила, но сепак, треба да се почитуваат сообрачајните знаци за да се избегнат несреќите, вели директорот на железница Дерковски.
Според статистиката на МВР лани се случиле 17 железнички несреќи , а билансот бил 5 загинати и 20 повредени.
Апелите за претпазливост не допираат. На аматерска видео снимка се гледа дека 24 часа по несреќата на истиот премин несовесните возачи ја преминуваат пругата при спуштена рампа.
Наташа Гркова – Петрушевска
