Продолжуваат тензиите на северот на Косово
Напнатоста на Косово продолжува, српската армија се распореди по должина на границата на северот од Митровица. Србите ги повлекоа своите деца од градинките и училиштата…

Продолжуваат тензиите на етничките Срби во северно Косово, откако се обидоа да ги заземат зградите на локалната самоуправа во кои минатата недела влегоа албанските градоначалници со помош на полиција. Косовската полиција ја штитеше зградата на општината во Звечан, една од четирите бојкотирани општини.
„Нелегалните, нелегитимни шерифи, како што се нарекуваа себеси, новоизбраните градоначалници, да одат во своите домови, повлечете се кон југ со сите возила, бидејќи ова не е полициска станица, ова е народното собрание, градското собрание, што треба да им служи на луѓето“, вели Горан Ракиќ, српски претставник.
„Однесувањето треба да биде според Уставот. Тоа е земја на Косово. Ние сме сопственици. Ги имаа институциите, ги имаа судовите, ги имаа комуните. Зошто ги напуштија? Треба да размислат сами. Ако сакаат да останат овде добредојдени се. Оваа земја е на сите. Земјата не е нивна сопственост, туку од луѓето што живеат таму“, вели жител на Јужна Митровица.
На градоначалничките места и собранија беа избрани само претставници на етничките Албанци или други помали малцинства.
„Фактот дека се одржаа изборите покажува дека крајот беше очигледен. Резултатот беше ова, што се случи. Беа прифатени и тоа покажува дека резултатите биле јасни“, додава жител на Јужна Митровица.
Српската премиерка Брнабиќ го критикуваше меѓународното справување со настаните во Косово. Ги поздрави Србите на Косово нарекувајќи ги достоинствени.
„Тешка е ситуација во Косово и Метохија. Ми се чини дека ситуацијата никогаш не била потешка. Сакам да им се заблагодарам на нашите луѓе во Косово и Метохија што беа достоинствени до тој степен, што е неверојатно и инспиративно, за пружање ненасилен отпор, за борба за своето име и презиме, за своите домови, за борбата за својата земја Србија“, нагласи Брнабиќ.
ЕУ им стави до знаење на двете земји дека мора да ги нормализираат односите за да напредуваат во нивните намери за пристапување во блокот.
Над десетина Срби и петмина косовски полицајци беа повредени во судирите минатиот петок. Српските војници на границата со Косово беа ставени во состојба на готовност.
Марина Ристова
