Отворен нов центар за лица со попреченост во Општина Врапчиште
Министерката истакна дека за неа најважно е задоволството на граѓаните и дека нејзините активности на терен и посетите во дневните центри овозможуваат таа лично да биде сведок за придобивките кои ги имаат граѓаните од ваквите центри.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со Градоначалникот на Општина Врапчиште, Исен Шабани и шефот на секторот за соработка во ЕУ, Штефен Худолин во село Градец во општина Врапчиште официјално го отворија новиот центар за лица со попреченост.
„Денес официјално отвораме дневен центар за лица со попреченост, изграден и опремен според потребите и барањата на лицата од оваа општина. Дневните центри претставуваат мост меѓу социјализирањето, учењето на нови вештини и нови активности на лицата со попреченост. Тука ќе можат да го поминуваат времето и да го поддржат својот развој лица со физички, интелектуални и комбинирани пречки“, рече Тренчевска.
Министерката истакна дека за неа најважно е задоволството на граѓаните и дека нејзините активности на терен и посетите во дневните центри овозможуваат таа лично да биде сведок за придобивките кои ги имаат граѓаните од ваквите центри.
„Општина Врапчиште за прв пат воспоставува Дневен центар за лица со попреченост што претставува суштинска трансформација во однос на создавање на соодветна средина за учење, грижа во текот на денот, социјализација и инклузија за најранливите членови на нашата заедница“, истакна Исен Шабани, градоначалникот на Општина Врапчиште на настанот.
Центарот е отворен преку проектот„Интегрирана и инкулузивна општина Врапчиште – За сите!“, кој се спроведува во рамки на ИПА II Годишна Програма за Република Северна Македонија за 2020 – ЕУ за општините.
