ФИФА ги собра провизорните состави!
На два дена пред крајниот рок, сите 32 репрезентации учеснички на Светското првенство во Бразил ги доставија провизорните состави.

Покрај хрватскиот Нико Ковач, денеска и последните четворица стручњаци ги објавија пошироките репрезентативни верзии. Конечниот избор од по 23-ца фудбалери селекторите ќе мора да го направат најдоцна до 2 јуни.
На својот трет мундијал Грција ќе игра со проверени сили и со репрезентацијата што ја мина Романија во баражот. Португалецот на клупата на јужниот сосед, Фернандо Сантош не се откажа од Константинос Митроглу иако напаѓачот на Фулам по 11 милиони фунти вредниот трансфер од Олимпијакос, во вториот дел од Премиерлигата одигра само 120 минути. Ниту Кирјакос Карагунис не беше стандарден во екипата од „Кревин Котиџ“, но како најискусен со 132 настапа е дел од списокот од 29 фудбалери. Грција е во Групата Ц со Колумбија, Брегот Слонова Коска и со Јапонија.
И Португалецот предводник на Иран имаше дилеми околу двајца фудбалери кои играат во клубови од Лондон, но Карлос Кеирож сепак ги вклучи во конкуренцијата од 30 играчи и Ашкан Дежагах од Фулам и Реза Гочанејхад од Чарлтон. За да ја одржи позитивната атмосфера пред четвртото мундијалско учетсво, Кеирож минатиот месец се обиде да ги собере репрезентативците во Јужна Африка, но во мини – кампот присуствуваа само 12 фудбалери затоа што многуми се уште имаа клупски обврски и тоа главно во Европа. Иран се наоѓа во исклучително тешката конкуренција Ф и тоа со Аргентина, Босна и Херцеговина и со Нигерија.
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Антонио Валенсија е најпознатото име од 30-те на кандидатската листа на селекторот на Еквадор, Реиналдо Руеда. Покрај него само уште 35 – годишниот Едисон Мендез од мексиканската екипа Санта Фе настапуваше на Светското првенство во 2006-та кога Еквадор се пласираше во осминафиналето. Петорангираната репрезентација од јужноамериканските квалификации е во Групата Е со Франција, Швајцарија и со Хондурас.
Двајца фудбалери од поширакиот австралиски состав ги изненадија домашните медиуми. По потекло од Грција, најуспешниот клупски стручњак во Австралија, Ангелос Постекоглу неочекувано ги повика дебитантот од англиски Престон, стоперот Бејли Рајт и напаѓачот на Фортуна Дизелдорф, Бен Халоран. Меѓу 30-те фудбалери има осумина кои играа и на Светското првенство пред четири години и тоа Тим Кејхил, Џош Кенеди, Марк Милиген, Миле Јединак, Марк Брешано, Лук Вилкшир, Еуген Галековиќ и Дарио Видошиќ. Шансите на Австралија вторпат да влезе во нокаут мундијалската фаза се мали затоа што е во Групата Б со финалистите од Јужна Африка, шампионот Шпанија и Холандија, како и со Чиле.
