До крајот на 2024 ќе заврши изградбата на регионалната депонија во Новаци
До крајот на 2024 ќе заврши изградбата на новата регионална депонија во Новаци. Во неа ќе се депонира сметот од двата региони Југозападен и Пелагониски. Трошоците за изградба на регионалната депонија изнесуваат околу 22 милиони евра, средства обезбедени преку заем од ЕБОР, Европската банка за обнова и развој…

До крајот на идната година ќе заврши изградбата на новата депонија во Новаци. Во последните месеци од годинава ќе биде распишан тендер за набавка на опрема и отпочнување на градба на петте претоварни станици, за регионалната депонија каде ќе се одлага отпадот од двата региони Југозападен и Пелагониски, а ќе биде сместена наспроти постојната дива депонија Мегленци.
Министерката за животна средина вели станува збор за комплексен проект кој одзема време, но со него ќе се исполнат препораките на Унеско, ќе се затворат дивите депонии во близина на Охридското Езеро.
„Во моментот институционално се организираме формираме и проектна канцеларија, и многу брзо ќе започне проектот, со тоа што пет региони се опфатени со тој проект. Југозапад и Пелагонија се регионите коишто се во понапредна фаза за среќа на Охридското Eзеро и за депонијата Буково којашто е во Охрид којашто ќе биде се надевам една од првите депонии на којашто ќе престане да се депонира отпад“, вели Каја Шукова, министерка за животна средина.
Екологистите велат, новата депонија ќе го реши деценискиот проблем во Oхридско - струшкиот регион, со двете диви депонии кои ја загадуваат животната средина.
„Треба да се забрза процесот да се направат напори за да целиот тој отпад се селектира се редуцира и само мал дел би се носел на тие депонии, а со тоа би имале поголеми финансиски заштеди“, вели Ѓоко Зороски екологист.
Трошоците за изградба на регионалната депонија изнесуваат околу 22 милиони евра, средства обезбедени преку заем од ЕБОР, Европската банка за обнова и развој.
Соња Рилковска
