Јосиповиќ: Хрватска ја поддржува политиката на „отворена врата“

14.05.2014 20:51

Потребна е одговорност од сите земји членки во поглед на проширувањето на НАТО, изјави хрватскиот Претседател Иво Јосиповиќ по средбата во Белата куќа со американскиот Потпретседател Џо Бајден.

Проширувањето на престојниот самит на НАТО било дел од разговорите на хрватскиот Претседател Иво Јосиповиќ со американскиот Потпретседател Џо Бајден во Белата куќа. Шефот на хрватската држава во изјава за Македонската телевизија истакна дека не било разговарано за проширување со одредена земја, но дека била поддржана политиката на отворена врата на Алијансата.

„Хрватска ја поддржува политиката на отворена врата и мислам дека не е никаква посебна тајна дека ние се залагаме сите земји во регионот, се разбира со исполнувањето на условите, што побрзо да влезат во НАТО ако сакаат и во ЕУ. Не зборувавме специфично за секоја држава поединечно, но клучен збор беше одговорноста. Значи во оној момент кога повеќето земји членки кога со одговорност се уверени дека условите се задоволени, тогаш сите земји коишто се волји да се примат и во НАТО и во ЕУ. Притоа уште еднаш истакнувам дека сите земји во регионот ја имаат нашата поддршка“, изјави Иво Јосиповиќ-хрватски Претседател

Притискаме да има проширување со земјите од регионот, изјави хрватскиот министер за одбрана, којшто исто така присуствуваше на средбата во Белата куќа со Потпретседателот Бајден.

 „Зборувавме за таа политика на отворена врата, овдешните претставници се претпазливи. Ние се залагаме и лобираме за влез на аспирантите , првенствено Црна Гора, но ќе видиме што ќе биде на самитот во Велс во септември. Засега можам да кажам дека јас лично не сум оптимист“, изјави Изјава Анте Котромановиќ-хрватски министер за одбрана

Ситуацијата во Украина, како Европа да постигне енергетска независност од Русија и можностите Хрватска да стане нов енергетски снабдувач во регионот со наоѓалиштата на природен гас во Јадранското море, биле дел од разговорите на Јосиповиќ со Бајден во Белата куќа.

 Хрватскиот Претседател Иво Јосиповиќ на средбите со сенаторите членови на Комитетот за надворешни работи разговарале и за проширувањето на Еу и на НАТО со земјите од Западниот балкан.

Ирина Гелевска