Успешно реализирана еко-акција на Водно со заедницата за е-трговија
Учесниците во еко-акцијата беа поделени во две групи за да се опфати што е можно поголем број локации на планината. Активностите за чистење ги опфатија следните локации – потегот од Средно Водно, паркинзите на Средно Водно, асфалтниот пат, Бабина патека од Средно Водно до врвот, Новогодишната патека од Средно Водно до врвот и пределот околу крстот на врвот на Водно.

Над 100 учесници од заедницата за е-трговија и останати ентузијасти успешно ја спроведоа еко-акцијата во која се собираше отпадот од пешачките патеки на планината Водно. Еко-акцијата, која беше во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, имаше за цел да го поттикне единството во секторот за е-трговија и паралелно да влијае на зачувување на природните убавини на Водно и на колективното зголемување на еколошката свест.
Учесниците во еко-акцијата беа поделени во две групи за да се опфати што е можно поголем број локации на планината. Активностите за чистење ги опфатија следните локации – потегот од Средно Водно, паркинзите на Средно Водно, асфалтниот пат, Бабина патека од Средно Водно до врвот, Новогодишната патека од Средно Водно до врвот и пределот околу крстот на врвот на Водно.
Учесниците во акцијата беа водени од страна на лиценцирани водичи од планинарскиот спортски клуб H2O, каде што го искачуваа Водно и собираа отпадоци по патеките. Лиценцираните водичи обезбедија суштинско водство и поддршка во текот на целиот настан, грижејќи се за безбедноста и зголемувајќи ја ефикасноста на учесниците.
Во периодот на искачување во времетраење од околу 2 часа беа собрани вкупно 15 вреќи со смет од падините на Водно. По завршувањето на собирањето на сметот, следеше дружење во планинарски дом Даре Џамбаз со DЈ Foodieman, а беа обезбедени пијалаци од Скопска Пивара, бургери од Jojo’s BBQ и здрави благи од Healthyish за сите учесници.
„Како Асоцијација за е-трговија на Македонија често организираме едукативни и други настани за вмрежување на членовите, кои се дел од нашата годишна програма. Темите секогаш произлегуваат од потребите на членките и предизвиците со кои се соочуваат, а на настаните членките имаат прилика и да разменат искуства, да остварат соработки и да градат релации кои ќе им придонесат за развој на бизнисот. Овој пат решивме да направиме поинаков настан, односно еко-акција со која покрај спорт, дружење и нетворкинг со е-комерц заедницата ќе придонесеме и за заедницата во којашто сите функционираме. Сите мора да тргнеме од себе и да веруваме дека со мали чекори заедно можеме да ги менуваме и подобруваме работите.“ – изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.
Успешната реализација на оваа еко-акција немаше да биде возможна без поддршката и соработката на клучните партнери. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) одигра клучна улога во организирање на настанот, нагласувајќи го значењето на еколошката едукација и мобилност. Пивара Скопје, партнер во оваа иницијатива, беше пример за корпоративната општествена одговорност обезбедувајќи освежување за учесниците и поддршка во организацијата и Healthyish ја покажа својата заложба за промовирање на здрав начин на живот.
Еко-акцијата на Водно, која послужи како инспиративен пример за колективно дејствување и еколошка одговорност, беше спроведена за прв пат. Покрај расчистувањето на планината, еко-акцијата на АЕТМ имаше за цел и да ја подигне јавната свест за зачувување на животната средина.
