Пендиков се врати во Охрид, утре ќе присуствува на судењето во Охрид
После пет и пол месеци, Христијан Пендиков секретарот на бугарскиот клуб Цар Борис Трети, кој неодамна згасна, денес се врати во родниот Охрид. Тој утре за прв пат ќе присуствува на судење, во својство на оштетен, поради тепачката на Водици во Охрид. Неофицијално, утрово го дал првиот исказ пред истражните органи, но не се знае дали давал исказ за тепачката во која тој се јавува како оштетен, или пак за другото дело во кое го гони охридското обвинителство за омаловажување на македонскиот народ и државата. Од Основниот суд Охрид, ниту потврдуваат, ниту негираат.

Во пресрет на утрешното судење Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб Цар Борис Трети, кој неодамна згасна, денес после пет и пол месеци, се врати во родниот Охрид.
Неофицијално, тој утрово го дал првиот исказ пред истражните органи, но не се знае дали давал исказ за тепачката во која тој се јавува како оштетен, или пак за другото дело во кое го гони охридското Обвинителство за омаловажување на македонскиот народ и државата. Од Основниот суд Охрид, ниту потврдуваат, ниту негираат.
Пендиков, утре за прв пат ќе присуствува на судење, во својство на оштетен, поради тепачката, којашто се случи во кафе бар во Охрид на празникот Водици.
На претходното судење, кога беа презентирани материјални докази и видеоснимка, првообвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди, изјави дека „го разбира обвинението, но не се чувствува виновен“. Одбраната тврди случајот е испотилизиран, нема напад од омраза.
Судијата Бојан Мартиноски, новото рочиште го закажа за утре, кога ќе бидат повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци. Оштетената страна во процесот, Пендиков, бара парично отштетно побарување, согласно тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.
Инаку, ова е прво доаѓање на Пендиков во родниот Охрид, по неговото лекување во Софија, откако беше претепан на 19 јануари оваа година, а бугарската влада итно со сопствен авион го пренесе во Бугарија, каде доби стан и полициска заштита.
Тој неодамна стана и бугарски државјанин, а церемонијата се одржа во свечената сала во која вообичаено претседателот на Бугарија врачува ордени.
Соња Рилковска
