Косово

Припадниците на КФОР сè уште се распоредени на терен, најавени нови протести

30.05.2023 12:19

Утрово мирно на северот на Косово. Припадниците на КФОР распоредени на терен откако вчера косовските Срби се судрија со нив. Вучиќ, за инцидентите го обвини косовскиот премиер Курти.

Изутрината на северот во Косово мирно. Припадниците на КФОР сè уште се распоредени на терен, откако вчера косовските Срби се судрија со нив, во обид да влезат во општинската зграда во Звечан. Силите на КФОР употребија солзавец за да ги одвратат во намерата, на што насобраните лица возвратија со камења и шишиња. 53-ца се повредени, тројца се во болница, а еден е во животна опасност. Повредени се и околу 25 војници.

„Ни беше кажано дека половина од специјалните сили кои се во Градското собрание, ќе се повлечат преку ноќ и денес до 15 часот. Треба да се повлечат сите припадници на специјалните сили. Денеска дојдовме на работа и чекаме да видиме дали тоа ќе се случи за да се вратиме на работа. Очекуваме тоа ветување да се исполни“, рече Драган Недељковиќ, вработен во Општината.

Српскиот претседател, Вучиќ, за инцидентите го обвини косовскиот премиер Курти.

„Ги распоредивме нашите сили во согласност со ситуацијата, на места каде што сметаме дека е неопходно. Ќе посетиме многу места со нашата војска. Нема да дозволиме погром на српскиот народСрбија сака мир, не бараме ништо друго“, изјави српскиот претседателАлександар Вучиќ.

Курти разговараше со пратеникот на Велика Британија за Западен Балкан, Стјуарт Пич, по што рече дека сите граѓани на Косово имаат целосно право да бидат избрани за градоначалници. Ги осуди нападите врз припадниците на КФОР и полицијата.

„Разговарав со британскиот пратеник, лордот Стјуарт Пич, за безобразните напади врз полицијата, КФОР и новинарите. Во демократијата нема место за фашистичко насилство, нема покана од гласачкото ливче до куршумот. Граѓаните на сите националностите имаат право на целосна и неоптоварена служба на нивните избраници“рече Курти.

КФОР, пак, побара Косово и Србија да преземат „целосна одговорност“ за вчерашните настани и побара од двете страни да спречат натамошна ескалација на ситуацијата.

Марина Ристова