Напади со беспилотни летала во Киев и во Москва
Украина изведе еден од своите најголеми напади со беспилотни летала врз Москва. Руското министерство за одбрана соопшти дека сите тие летала се уништени, додека се приближувале кон руската престолнина. Продолжуваат руските гранатирања врз Киев...

Управите на руската и на украинската престолнина соопштија дека изутрина градовите биле нападнати со дронови. Во нападот на Москва, нема загинати. Руското Министерство за одбрана обвини за терористички напад со осум беспилотни летала извршен од режимот на Киев. Сите дронови се соборени.
„Имаше неприроден звук. Обично во пет часот изутрина се слуша звук единствено од автомобили, но овој беше некако чуден“, изјави жител на Москва.
Ова не е прв случај на напад со беспилотни летала на руска територија додека се водат битки на фронтот на Украина. Во почетокот на месецов, летала предизвикаа штета во Кремљ, напад за кој Москва го обвини Киев, опишувајќи го како обид за атентат на претседателот Путин.
„Неколку згради имаат помали оштетувања. Според прелиминарните податоци, нема жртви. На терен се итните служби на градот, истражители, форензичари и експерти од Главниот истражен оддел на рускиот истражен комитет за градот Москва“, изјави Светлана Петренко, портпарол на Рускиот истражен комитет.
Во нападот за кој информира официјален Киев пак, загинало најмалку едно лице, а четворица се повредени. Градската воена управа објави дека украинската престолнина била нападната со повеќе од 20 дронови од различни страни.
„Кога дронот лета – тоа е страв. Сите преживеаја – среќни сме што сме живи и размислуваме што ќе се случи понатаму“, изјави Валерија Орешко, жител на Киев.
„Куќата многу се тресеше. Затоа, најдобро е да се биде во засолништа бидејќи навистина не знаете каде ќе летаат дронови“, додаде Оксана, жителка од Киев.
„Чувствувам гнев кон агресорот, кон оние што фрлаат гранати среде ноќ, фрлаат оружје против жени и деца“, додаде Јуриј Савчук, жител на Киев.
Претходно, украинскиот претседател изјави дека американските „Патриоти“ обезбедиле 100-процентно уништување на руските ракети. Според Зеленски, противвоздушната одбрана спасила стотици животи, а заедно со партнерите, Киев и натаму работи на зајакнување на одбраната.
Маријана Димовска
