Високо образование

Се избира нов ректор на УКИМ

30.05.2023 16:44

Се избира нов ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Ќе има мандат од три години, а функцијата ќе ја преземе од 16-ти септември. Гласањето се одвиваше во мирна атмосфера, во посебни простории на факултетите…

Заврши гласањето за нов ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Се одвиваше во мирна атмосфера, во посебни простории на факултетите. Право на глас имаа 1.426 гласачи, а се бираше меѓу шестмина кандидати. Професорите очекуваат новиот ректор вистински да се грижи за Универзитетот.

Процесот на гласање почна на пладне, а заврши во 14 часот. Новоизбраниот ректор на најстариот и најголем универзитет во државава, ќе има мандат од три години. Вработување млад академски кадар со асистенти, зајакнување на кадровскиот потенцијал на УКИМ, покачување на платите на наставниот кадар и администрација и постојан развој на студиските програми, меѓу врвните приоритети на кандидатите.

Од утре, па до 5-ти јуни е рокот за приговори, кои кандидатите може да ги испратат електронски до универзитетската изборна комисија и во архивата на УКИМ. Одлуки по приговорите ќе има на 6-ти јуни.

Проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, функцијата ректор на УКИМ ја извршуваше два мандата. Мандатот на новиот ректор ќе биде од 16-ти септември 2023-та до 15-ти септември 2026-та година.

Александра Спировска