Тасевски на завршна конференција на ИПА 2019 проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“
Проектот послужи како корисна алатка за поддршка на полициските службеници и јавните обвинители во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, потенцираше директорот на БЈБ...

Прекуграничниот криминал во денешно време бара координиран пристап и висока специјализација на сите инволвирани истражители, преку усогласено делување на правосудните и полициските органи, при што заедничките иницијативи во рамки на меѓународната соработка се главна движечка сила за обезбедување ефикасен контра-одговор, истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски во своето обраќање во рамки на завршната конференција на ИПА 2019 проектот „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ на која што, во организација на ЕУ, италијанското МВР и Германската агенција за меѓународна соработка, учествуваа шефовите на полициите на земјите од Западен Балкан.
Тасевски говорејќи во рамки на првиот панел од конференцијата околу импактот и додадените вредности од овој проект потенцираше дека преку најразлични форми на поддршка во предистражните постапки и истрагите – советодавна, логистичка, техничка и финансиска, поддршка на координирани истраги и заеднички истражни тимови, проектот послужи како корисна алатка за поддршка на полициските службеници и јавните обвинители во борбата против организираниот и транснационалниот криминал.
„Ценам дека проектот придонесе да се унапреди координацијата и соработката на полицијата и Јавното обвинителство преку зајакнување на способностите за размена на информации со нивните партнери на регионално, но и пошироко, на ниво на ЕУ, како и за спроведување на заеднички оперативни активности“, потенцираше Тасевски.
На маргините од конференцијата директорот Тасевски имаше средба со генералниот директор за јавна безбедност на Италија, Виторио Писани, на која што се разговараше за досегашната извонредна соработка меѓу двете полиции и за можностите на продлабочување на тоа партнерство.
