Високо образование

Биљана Ангелова избрана за нов ректор на УКИМ

30.05.2023 19:02

Најголемиот и најстар универзитет во земјава, „Свети Кирил и Методиј“, доби нов ректор. Професорката од Економскиот институт, Биљана Ангелова, е втората жена ректорка во историјата на универзитетот...

Биљана Ангелова, професорка од Економскиот институт, е нов ректор на УКИМ. Доаѓа на местото на професорот Никола Јанкуловски. Таа е втората жена ректорка во историјата на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Во периодот од 1994-та до 1998-ма година, во два мандати, ректорка на УКИМ, беше Радмила Кипријанова.

Право на глас имаа 1.426 гласачи, а се бираше меѓу шестмина кандидати. Професорите очекуваат новиот ректор вистински да се грижи за универзитетот.

Процесот на гласање почна на пладне, а заврши во 14 часот. Новоизбраниот ректор на најстариот и најголем универзитет во државава, ќе има мандат од три години. Вработување млад академски кадар со асистенти, зајакнување на кадровскиот потенцијал на УКИМ, покачување на платите на наставниот кадар и администрацијата и постојан развој на студиските програми, меѓу врвните приоритети на кандидатите. Од утре, па до 5-ти јуни е рокот за приговори, кој кандидатите може да ги испратат електронски до универзитетската изборна комисија и во архивата на УКИМ. Одлуки по приговорите ќе има на 6-ти јуни.

Проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, функцијата ректор на УКИМ ја извршуваше два мандата. Мандатот на новиот ректор ќе биде од 16-ти септември 2023-та до 15-ти септември 2026-та година.

Александра Спировска