Уставен суд

Седница на Уставен суд

31.05.2023 09:16

Уставниот суд ќе ја одржи 21-та седница со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет...

Уставниот суд ќе ја одржи 21-та седница со дневен ред за кој се предвидени четири иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет.

Уставните судии ќе ја разгледуваат иницијативата на адвокат Александра Илиева Милчова со која се оспорува член 99 став 5 од Законот за судовите во делот „правосилни“. Според подносителката на иницијативата недозволиво е да бидат објавени само правосилните одлуки, додека неправосилните да останат тајни и да не биде дозволено јавноста да биде запознаена со нив, потенцирајќи јавноста на сите судски постапки е гарантирана со членот 16 од Уставот.

Судот ќе расправа и по иницијативата на Ванчо Иванов и Мите Димоски со која се оспорува Член 19 ставовите 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи. Подносителите на иницијативата сметаат дека Правилникот за технички преглед донесен од МВР не е усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила во членот 66 став 1 точка 3, бидејќи при контрола од страна на службените лица на МВР различно се толкува законот и правилникот.

На дневен ред на седницата е иницијативата на Коста Антовски со која се оспорува Одлуката за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот бр. 08-653/5 од 31.01.2022 година на Советот на Општина Охрид. Според подносителот на иницијативата, со оспорената Одлука се зголемува данокот на имот за три пати, само за граѓани кои имаат стан во Охрид, а не се жители на оваа Општина, со што е повреден членот 9 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани уживаат еднакви права.

Уставните судии треба да ја разгледаат и иницијативата поднесена од градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски со која се оспорува Одлуката на општинскиот Совет на Македонска Каменица бр. 08-398/1. Подносителот на иницијативата Атанасовски, наведува дека Одлуката е незаконски донесена, бидејќи во Буџетот на Општината не се предвидени финансиски средства за конкретната намена, односно одобрување на средства на граѓанин од Македонска Каменица за издавање на песна.