Косово

КФОР ја зајакнува блокадата во Звечан

31.05.2023 09:17

КФОР ја зајакнува блокадата во Звечан. Се развлекува бодликава жица околу општинската зграда...

Тензично во северно Косово. НАТО праќа уште 700 војници. КФОР останува околу општинската зграда во Звечан, се поставува и бодликава жица како дополнителна заштита. Граѓаните продолжуваат со протестите. Србите се револтирани што силите на КФОР, наместо, како што велат, да ја деескалираат ситуацијата, ги штителе специјалците на полицијата кои се со нив од петокот. Во судирите во претходните денови имаше десетици повредени. Полицијата ги зазеде локалните самоуправи во Звечан, Лепосавич и Зубин Поток каде што албанските градоначалници почнаа со работа. Нивните мандати не се прифатени од Србите кои ги бојкотираа изборите. НАТО очекува Пришита да ги повлече специјалните единици од зградите.

„Ги осудуваме сите неиспровоцирани напади против трупите на КФОР во северно Косово во кои беа повредени 30 мировници. Овие напади се неприфатливи и мора да запрат. КФОР, силите на НТО, ќе ги преземат сите потребни мерки за да ја зачуваат безбедноста и сигурноста на сите граѓани на Косово“, Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Американскиот амбасадор Ховениер, кој побара косовскиот премиер Курти веднаш да преземе итни чекори за деескалација на ситуацијата, изјави дека тој не одговорил на американските барања, па САД сега следат кои би биле следните чекори.

„Избраните претседатели на изборите од 23 април, иако со ниска излезност поради бојкотот диктиран и наметнат од косовските Срби, се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради. Поради тоа, тие ја имаат нашата целосна, безусловна и силна поддршка. Демократијата нема да биде запрена или да биде заложник. Нејзиното спроведување е гаранција за мир и безбедност, а не закана или опасност“, Албин Курти - премиер на Косово.

Кина со осуда за насилството и за непочитување на српските политички права. По почетокот на тензиите, Србија ја подигна борбената готовност на својата армија на највисоко ниво и распореди воени единици на позициите во близина на границата со Косово.