Национален форум „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Македонија“
Третиот национален форум за здравство „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: кон трансформација на здравствениот систем“, ќе се одржи денеска во Скопје...

Третиот национален форум за здравство „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: кон трансформација на здравствениот систем“, ќе се одржи денеска во Скопје, со учество на министерот за здравство Фатмир Меџити и Ане Јохансен, специјална претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) и шефица на Канцеларијата во Скопје.
Од Канцеларијата на СЗО посочуваат дека на третиот Национален форум за здравство ќе стане збор за начините на подобрување на здравствениот систем, а особено за пристапот до здравствени услуги за сите граѓани на нашата држава.
– Пристапот до здравствени услуги и натаму е значаен предизвик за многу граѓани на Северна Македонија. Во периодот од 13 до 15 март 2023 година, Министерството за здравство, СЗО и Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Република Северна Македонија ги свикаа засегнатите страни од здравствениот и другите сектори за да разговараат за првичните наоди на „Процената на бариерите за здравствените услуги“ што започна во јуни 2022 година и следствено, да се утврдат стратегии за подобар пристап на луѓето до здравствените услуги, без оглед на условите во кои се родени, растат, живеат, работат и стареат, како и без оглед на висината на нивните приходи, информираат организаторите на настанот.
