Велес

Хаварија на каналот за наводнување Макарија, земјоделските површините без вода за полевање

31.05.2023 10:00

Земјоделците од Градско и Росоман очајни, останаа без вода за полевање, откако во саботата се случила хаварија на каналот за наводнување Макарија...

Од саботата земјоделците, овоштарите од општините Росоман и Градско се без вода за наводнување. Еден крак од системот, којшто води кон овие две општини е оштетен. Тоа ќе има несогледливи последици, по родот од културите кои таму се одгледуваат, предупредуваат земјоделците.

Потврда за оштетувањето стигна и градоначалникот на Росоман, Стојан Николов. Хаваријата се случила на сифонот на левиот магистрален канал на системот Макарија. И тоа по левата страна од течението на Црна река се до испустот кај село Ногаевци. Од АД Водостопанство, не кажуваат временски рок, кога ќе биде саниран дефектот.

„Детектирано е оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради кое привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини. Извршен е увид и во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а се со цел враќање на системот во првобитна состојба“, соопштија од АД Водостопанство.

Земјоделците апелираат што побрзо да се санира оштетувањето, оти времето тече а површините се без вода. Праските се без водоснабдување, во овој период се сади и познатата пиперка куртовска капија на која и треба полевање а наскоро ќе почне да се наводнување и лозјето. Ако нема вода, ќе нема ниту род, велат земјоделците.

 

Петар Печков