Конференција

Промоција на Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза

31.05.2023 09:48

ЕУ и Советот на Европа, во рамки на заедничкиот проект „Борба против омразата и нетолеранцијата“, денеска организираат конференција „Општество без омраза; заедничка заложба и заедничка цел“ на која ќе ја претстават и промовираат Препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа за борба против говорот на омраза...

ЕУ и Советот на Европа, во рамки на заедничкиот проект „Борба против омразата и нетолеранцијата“, денеска организираат конференција „Општество без омраза; заедничка заложба и заедничка цел“ на која ќе ја претстават и промовираат Препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа за борба против говорот на омраза. Конференцијата ќе се одржи во хотел „Хилтон“ – Скопје, со почеток од 10 часот.

На конференцијата предвидено е обраќање на вицепремиерката за политики за добро управување Славица Грковска, заменик – министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, пратеничката Гордана Силјановска Давкова, Александру Албу, раководител на сектор во Делегација на ЕУ во Скопје, како и на Стефано Валенти, раководител на Одделението за соработка и против говорот на омраза, Генерален директорат за демократија, при Советот на Европа.

– Целта на конференцијата е да поттикне дијалог меѓу различни актери во борба против говорот на омразата, како и да овозможи форум за дискусија за иницијативите што се досега преземени во согласност со Препораката, како и предлози за можни активности кои би оделе во насока на нејзиното спроведување, велат организаторите.

Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза е усвоена во мај 2022 во Торино. Меѓу останатото, Препораката ги повикува владите на земјите-членки да разработат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говорот на омраза, вклучително и преку освојување делотворна законска рамка и спроведување внимателно калибрирани и пропорционални мерки.