Претседателот Пендаровски на Македонскиот енергетски форум 2023
Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на Македонскиот енергетски форум 2023, што се одржува во Скопје во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје...

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на Македонскиот енергетски форум 2023, што се одржува во Скопје во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата на Република Северна Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје, на тема „Подобрување на триаголникот Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“.
Претседателот Пендаровски говореше на панелот „Мали земји – големи транзиции: енергетско лидерство во предизвикувачки времиња“, заедно со поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ. Претседателот Пендаровски посочи дека малите држави тешко може да влијаат врз глобалната сцена и единствен начин да ги проектираат своите интереси надвор од сопствените граници е преку учество во меѓународните организации.
Во тој контекст, Претседателот ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, потенцирајќи дека енергетиката е важен сегмент во севкупната безбедност, како и поддршката што ја добиваме од Европската Унија.
Претседателот посочи дека иако сме во процес на преговори за членство и сè уште не сме формална членка, ЕУ преку своите програми ја приклучи нашата земја кон паневропскиот енергетски пазар, додавајќи дека исклучително важно за нас како мала земја која зависи од увоз на енергија, е да бидеме дел од енергетскиот пазар на континентот пред да станеме дел од Унијата.
На панел дискусијата Претседателот истакна дека глобалниот енергетски пазар е нарушен главно поради руската инвазија врз Украина и нема изгледи дека за брзо време ќе биде стабилизиран, посочувајќи дека војната во Украина истовремено ја забави и зелената транзиција. Тој посочи дека единствена шанса за малите држави е да имаат што е можно повеќе домашни извори на енергија и да бидат што е можно помалку зависни од увозот.
Тој заклучи дека државите од Западен Балкан, самостојно со своите внатрешни ресурси, не можат да ги решаваат овој тип на проблеми и мораат да бидат дел од ЕУ, посочувајќи дека за жал интересот на Брисел во изминативе години драстично опадна за нашиот регион, а тоа предизвика пад на поддршката и зголемување на евроскептицизмот кај граѓаните од нашите држави.
