Продолжуваат протестите на косовските Срби
Тензично на северот на Косово. НАТО испраќа војници, КФОР поставува бодликава жица околу општинската зграда во Звечан. Србите револтирани најавија продолжување на протестите. Меѓународната заедница повика на смирување на ситуацијата...

Тензично во северно Косово. НАТО праќа уште 700 војници. КФОР поставува бодликава жица како дополнителна заштита, а граѓаните – српски знамиња. Во судирите во претходните денови имаше десетици повредени. Полицијата ги зазеде локалните самоуправи во Звечан, Лепосавич и Зубин Поток каде што албанските градоначалници почнаа со работа. Нивните мандати не се прифатени од Србите кои ги бојкотираа изборите.
„Нашата волја за живот е голема, поголема од нивната желба да нè уништат. Сакам да ги повторам нашите барања – повлекување на полициските специјални сили од општините во северно Косово и Метохија. Лажните градоначалници да не доаѓаат во општинските згради на северот од Косово и Метохија. Ослободување на неправедно уапсените граѓани Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ“, изјави Срѓан Милосављевиќ, поранешен функционер на Звечан.
„На наша земја и нема да се измориме. Овие непоканети гости дојдоа и ни ги окупираа општините без причина, но со една цел – да предизвикаат хаос и тензии. Режимот на Курти во последната година презема се за да ги испровоцира Србите и да создаде ситуација на ескалација за да има уште еден конфликт во Европа“, изјави Игор Симиќ, претставник на косовските Срби.
НАТО очекува Приштина да ги повлече специјалните единици од зградите. Американскиот амбасадор Ховениер, кој побара косовскиот премиер Курти веднаш да преземе итни чекори за деескалација на ситуацијата, изјави дека тој не одговорил на американските барања, па САД сега следат кои би биле следните чекори.
„Избраните претседатели на изборите од 23-ви април, иако со ниска излезност поради бојкотот диктиран и наметнат од косовските Срби, се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради. Поради тоа, тие ја имаат нашата целосна, безусловна и силна поддршка. Демократијата нема да биде запрена или да биде заложник. Нејзиното спроведување е гаранција за мир и безбедност, а не закана или опасност“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
Кина со осуда за насилството и за непочитување на српските политички права. По почетокот на тензиите, Србија ја подигна борбената готовност на својата армија на највисоко ниво и распореди воени единици на позициите во близина на границата со Косово.
Маја С. Филдишев
