Пожар во рафинерија во руската област Краснодарск
Со напад со дрон предизвикан пожар во рафинерија во руската област Краснодарск. Киев негира вмешаност. Шефот на нуклеарната централа побара од Москва и Киев да се посветат на спречување каков било напад врз најголемата европска нуклеарна централа...

Пожар во рафинерија во руската Краснодарска област. Според властите извршен бил напад со дрон. Москва најави остар одговор за претходниот со беспилотни летала врз метрополата во кој има повредени. Оштетени се неколку згради. Руското министерство за одбрана го оцени како терористички акт, и ја обвини Украина.
„Режимот во Киев избра поинаков пат, со обиди за заплашување на Русија, руските граѓани и напади врз станбени згради. Ова, се разбира, е јасен знак за терористички активности. Без разлика што ќе кажеме, тие секогаш ќе ги бараат виновните во Русија. Но, ние не ја почнавме оваа војна. Во 2014 година режимот во Киев ја почна војната во Донбас“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Киев негира вмешаност. САД соопштија дека не ги поддржуваат овие напади. Во меѓувреме, Меѓународната агенција за атомска енергија претстави пет принципи за да се спречи нуклеарна несреќа во Украина.
„Ќе го зајакнеме присуството на Агенцијата преку нашата мисија, нашата постојана мисија распоредена во Запорожје. Исто така, ќе ги разгледаме важните елементи, вклучувајќи ги и овие принципи кои се однесуваат на неопходноста да се избегнат напади од или кон централата“, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
„Поставените принципите треба да поттикнат тековна дискусија за чекорите што мора да ги преземеме за да обезбедиме нуклеарна безбедност во Запорожје“, изјави Линда Томас-Гринфилд, постојан претставник на САД во ОН.
„Обезбедувањето нуклеарна безбедност и безбедност на нуклеарните постројки отсекогаш било и останува несомнен приоритет за нашата земја. Русија, од самиот почеток, вложи максимални напори да ги спречи заканите за безбедноста на нуклеарната централа Запорожје, создадени од режимот на Зеленски и западните поддржувачи“, истакна Василиј Небензија, постојан претставник на Русија во ОН.
„Продолжуваме да работиме под екстремни, несигурни услови предизвикани од редовни, опасни провокации од страна на руските трупи. Ја пофалуваме храброста на украинскиот персонал“, изјави Сергеј Кислица, постојан претставник на Украина во ОН.
Шефот на нуклеарната централа побара од Москва и Киев да се посветат на спречување каков било напад врз најголемата европска нуклеарна централа.
Марина Ристова
