Тренчевска: Секогаш е вистинско време за носење на закон кој ќе биде во согласност со промените во трудовата област
Министерката се осврна на подготовката на новиот Закон за работни односи и истакна дека процесот на изработка беше целосно инклузивен затоа што беа вклучени сите оние кои можат да дадат придонес во обликувањето на законот и неговата содржина...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се обрати на годишната конференција „Преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија – премногу рано или премногу доцна за нов закон за работните односи?“ во организација на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, а со поддршката на Меѓународната организација на трудот. Поздравно се обратија и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Сашо Георгиевски, Претседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, Тодор Каламатиев, потпретседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, Александар Ристовски и националниот координатор на Меѓународната организација на трудот во Северна Македонија, Емил Крстановски.
Министерката се осврна на подготовката на новиот Закон за работни односи и истакна дека процесот на изработка беше целосно инклузивен затоа што беа вклучени сите оние кои можат да дадат придонес во обликувањето на законот и неговата содржина.
Министерката своето обраќање го заокружи со својот одговор на прашањето кое го носи името на конференцијата и посочи дека секогаш е вистинско време за носење на Закон кој ќе биде во согласност со промените во трудовата област, кој ќе биде добра основа за понатамошно унапредување на односите помеѓу работниците и работодавците, за зголемување на продуктивноста на трудот и креирање на нови работни места.
