Петнаесет години затвор за поранешните шефови на тајната полиција на Милошевиќ
Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ беа осудени за учество во здружен злосторнички потфат, што доведе до злосторства во Бјелина, Зворник, Босански Шамац, Добој, Сански Мост и Трново...

Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови со седиште во Хаг (Механизам), им изрече конечни казни од по 15 години на поранешните началници на Секторот за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, обвинети за воени злосторства во Хрватска и Босна и Херцеговина. Тоа е најдолгото судење во историјата на овој суд, кое траеше цели две децении.
Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ беа осудени за учество во здружен злосторнички потфат, што доведе до злосторства во Бјелина, Зворник, Босански Шамац, Добој, Сански Мост и Трново.
На 30 јуни 2021 година, во повторен судски процес, Станишиќ и Симатовиќ првостепено беа осудени на по 12 години затвор за злосторства во Босански Шамац, за помагање и поттикнување на прогон, убиства, депортирање и присилно преселување на муслимани и Хрвати од овој мал град на северот на Босна и Херцеговина, во пролетта 1992 година.
Утврдено е дека злосторствата во таа општина ги извршила специјалната единица на српските сили „Црвени беретки“, која била под контрола на Станишиќ и Симатовиќ.
