Пендаровски го посети скопското средно училиште „Цветан Димов“
Пендаровски имаше можност да се запознае со условите во училиштето, наставниот кадар и со учениците, при што беше информиран дека наставната програма се одвива на албански и на турски јазик, образувајќи ученици во здравствена и економско-правна, како и во трговска струка.

Претседателот Стево Пендаровски денеска, по повод отворениот ден, го посети средното училиште на Град Скопје „Цветан Димов“.
Пендаровски имаше можност да се запознае со условите во училиштето, наставниот кадар и со учениците, при што беше информиран дека наставната програма се одвива на албански и на турски јазик, образувајќи ученици во здравствена и економско-правна, како и во трговска струка.
За време на посетата, претседателот Пендаровски имаше и свое обраќање во кое, како поранешен ученик на тогашната гимназија „Цветан Димов“, истакна дека за време на средношколските денови, покрај со образование, се стекнал и со соодветно воспитување.
За мене, оваа посета на „Цветан Димов“, има и посебно емоционално значење, затоа што токму тука ги поминав моите средношколски денови и со голема радост и задоволство се сеќавам на тој период од мојот живот. Во тоа време имав чест и привилегија, во „Цветан Димов“ да ми предаваат професори кои освен знаење и вештини ни даваа и љубов и внимание и кои знаеја како да го направат наставниот материјал интересен за учење. Ова сакам посебно да го нагласам, важно е во училиштата, освен солидно образование, да имаме можност да добиеме и добро воспитание. Покрај родителите и семејството, учителите и професорите се најважниот фактор за правилно воспитување на младите луѓе и усвојување на моралните вредности- нагласи претседателот Пендаровски во свето обраќање.
