Македонија

Промовиран првиот речник за медиумска писменост

31.05.2023 17:02

Речник за медиумска писменост-онлајн издание што треба да послужи за разбирање на новите поими кои ги користат младите, но и да го премости генерацискиот јаз што го прават зборовите. Го спроведе Институтот за комуникациски студии, преку проектот „Младите размислуваат“ …

Што сака да ви каже вашето дете ако во меѓусебна комуникација ви одговори – ОК бумер? Дигиталната експанзија внесе многу нови поими што ги користи помладата генерација, а кои генерацијата на нивните родители речиси и не ги познава. Благодарејќи на ова, генерацискиот јаз е се поголем, а комуникацијата е неразбирлива.

Институтот за комуникациски студии, преку проектот „Младите размислуваат“ на УСАИД и ИРЕКС, го создаде првиот речник за медиумска писменост.

„Ова е првиот и единствен ваков речник не само кај нас туку и во регионот. Ова е речник којшто не само што ќе ни ја поедностави работата во иднина, туку и ќе овозможи поинаку да гледаме на овие термини и на овие зборови“, вели Михајло Лахтов-координатор на проектот „Младите размислуваат“.

„Речникот е всушност на албански и на македонски јазик, но морам да напоменам дека станува збор за два различни речници, со оглед на тоа што секој од нив беше работен одделно“, изјави Емил Ниами-автор и редактор.

Подготовката на изданието траела околу една година, а во неа учествувале професионалци од различни категории.

„Поради брзината на информациите во денешно време, едноставно нема време ниту за лектура, ниту за размислување, па имаме автоматско преведување од англиски или целосно преземање термини од англискиот јазик за кои во македонскиот јазик има соодветни“, додава проф. Симона Маџоска.

Во подготовката се јавувале многу предизвици, па од Институтот за комуникациски студии велат дека често за еден термин се консултирале и анализирале подолго време.

„Многу популарниот термин – мисинформации. Го прашувам Емил дали можеме да го користиме, нормално, тој си влече на своја страна и ми вели дека имаме соодветен термин“, вели Александра Теменугова-Институт за комуникациски студии.

„Верувам дека малкумина од новата генерација знаат дека Твитер, чие лого е таа птичка, всушност значи цвркот. Е сега, кога говориме за твитови или за твитање, ќе биде многу чудно и апсурдно да говориме за цвркотење, меѓутоа изворното значење на овој термин е такво“, смета Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

Познавањето на англискиот јазик е важно за разбирање на овие зборови кои влегуваат во нашата лингвистика. Но, за да го разбереме дигиталниот јазик, потребно ни е пошироко познавање на културата на една држава, велат авторите. На пример, поимот „геслајтинг“ се користи за да означи манипулирање, а потекнува од газиените ламби што се користеле во Америка и доколку човек подолго биде изложен на овие ламби може да има несакани последици.

Катерина Топалова