Љупчо Тодоровски- Радникот објави книга за наркомафијата во Македонија
Тој по триесетгодишната кариера во МВР, вели дека се одлучил да ја објави оваа монографија со цел во неа да ги пренесе сите искуства со кои се стекнал во своето работење...

Како се организирани наркокриминалните групи во земјава, начинот на кој дејствуваат, методите на работа, нивните слабости, како се растура дрогата, и постои ли стратегија за сузбивање на ова современо зло, се само дел од темите кои се обработуваат во првата книга на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски. Тој по триесетгодишната кариера во МВР, вели дека се одлучил да ја објави оваа монографија со цел во неа да ги пренесе сите искуства со кои се стекнал во своето работење, а со цел тие им да им помогнат во работата на неговите помлади колеги во полицијата.
„Мојата 30-годишна оперативна пракса ми овозможи да дојдам до нови сознанија во врска со дрогата, да почнам да пишувам материјали, да истражувам и сето тоа да го пренесам на помладите колеги како искуство со цел сузбивање на овој проблем“, вели Тодоровски. Според неговите сознанија, во земјава постојат криминални групи кои се различно организирани, имаат хиерархиска поставеност која има слободна раководна структура. Најзастапени на македонскиот пазар се марихуаната и хероинот. Марихуаната најчесто доаѓа од Албанија, хероинот од Турција, додека кокаинот најчесто се шверцува од Албанија и од Холандија.
Во монографијата „Наркокриминал и наркомафија“, пензионираниот директор на БУЈ, а сега професор на Факултетот за безбедност во Скопје по предметот криминалистичка методика, нуди и стратегија за борба против дрогата.
„Нашето долгогодишно истражување ни даде резултат за успешна борба против наркомафијата, а тоа е со познавање на методите на работа, нивните организациски структури, нивните слабости и начинот на растурање на дрогата. Адекватно на тоа направивме стратегија како да го сузбиеме тоа зло, со примена на повеќе мерки“, објаснува Тодоровски. Книгата ќе биде промовирана утре во 20 часот во Порта Македонија. За значењето на делото ќе говорат Слнчомил Вељанов и Алексеј Дума.
