Главната уредничка на „Њујорк тајмс“ побарала да биде платена како машко- заработила отказ?!
15.05.2014 11:01
Списанието „Њујоркер“ веднаш објави дека причината за смената на Абрамсон е тоа што таа дознала дека нејзиниот претходник на оваа позиција, Бил Келер, имал далеку поголема плата и пензиски надомест...

Веста за отпуштањето на првата жена главен уредник на најтиражниот американски весник „Њујорк тајмс“, одекна силно во јавноста, а помеѓу светската новинарска фела предизвика низа шпекулации.
Главната уредничка на „Њујорк тајмс“,Џил Абрамсон, вчера беше неочекувано отпуштена од страна на издавачот Артур Шулцбергер.
„Уживав во мојата работа во Тајмс. Работев со некои од најдобрите новинари во светот“, соопшти Абрамсон, која помина две и пол години на чело на весникот.
Списанието „Њујоркер“ веднаш објави дека причината за смената на Абрамсон е тоа што таа дознала дека нејзиниот претходник на оваа позиција, Бил Келер, имал далеку поголема плата и пензиски надомест.
Иако платата на главниот уредник на „Њујорк тајмс“ се крие од јавноста, се проценува дека таа изнесува повеќе стотици илјади долари годишно.
Обвинението е особено непријатно за „Њујорк тајмс“, бидејќи весникот гласно ја поддржува кампањата на претседателот Барак Обама за изедначување на платите на мажите и жените во САД.
Нов главен уредник на весникот е Дин Бакет, кој пак е првиот Афро-американец на оваа позиција.
Нетрпеливоста на Абрамсон и Бакет, кој наводно повеќе пати удирал по ѕидовите на канцеларијата и гневен ги напуштал состаноците со главната уредничка, беше наведена како уште една можна причина за смената на Абрамсон.
