Изложба

Викенд на гордоста Скопје 2023 со изложба на Карол Раѓишевски

01.06.2023 08:50

Вечерва започнува единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје 2023. Фестивалот се отвора со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски (1980, Полска), во 20:30 часот во Музејот на современа уметност...

Вечерва започнува единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје 2023. Фестивалот се отвора со изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ (Remembering Futures) на познатиот уметник Карол Раѓишевски (1980, Полска), во 20:30 часот во Музејот на современа уметност.

Раѓишевски работи интердисциплинарно, користи уникатни алатки при уредување на материјалите, комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавање и за да прикаже неочекувани алтернативни траги на сеќавањата. Не само што ги открива индивидуалните и ретки искуства туку и ги документира и историите на различните заедници. На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин „ДИК“ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал. Освен тоа ќе бидат прикажани и монументалната серијата „Галерија на портрети“ (2020 – во тек), серијата „Сида“ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело „Зумбул“ (2019-2020) и филмовите „Кишленд“ (Kiseiland, 2012) и „Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз“ (Mon chéri Soviétique, 2021).

Веќе следниот ден, на 2 јуни во 21 часот во МСУ, ќе се одржи перформансот „Осуденик“ (GONER) на едно од најатрактивните имиња во современата кореографска и танцова практика – Малик Нашад Шарпе (UK) со уметничко име Marikiscrycrycry, чии настапи се познати по сценирањето на силна атмосфера. Делото претставува сензуално, напнато и застрашувачко кореографско патување во психолошките длабочини на хоророт низ кој поминува ликот на осуденикот. Перформансот само ги навестува злоупотребата, миграцијата, отуѓувањето, припадноста, зависноста и насилноста, а примената на формалните алатки на авторството и естетиката на хоророт создава радикална визуелна уметност од маргинализирана перспектива. Делото ја испитува перцепцијата на специфичните култни наративи, каков што е возбудливиот, крвав и психолошки хорор, и тоа во контекст на црнечката хорор-традиција.