мвр

Ковачевски на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија

01.06.2023 12:20

Премиерот Ковачевски во Кишињев беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, пристигна во Кишињев, Молдавија, каде ќе учествува на вториот Самит на Европската политичка заедница. Премиерот Ковачевски во Кишињев беше пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду.

Премиерот Ковачевски посочи дека на вториот Самит на Европската политичка заедница клучните теми ќе бидат поврзани со изнаоѓање начини како Европа да се поврзе подобро, со цел да се обезбеди подобра комуникација меѓу луѓето, подобри телекомуникациски системи, подобра инфраструктура вклучително и енергетска инфраструктура, како клучни предуслови за политичката интеграција на регионот, особено на земјите од Западен Балкан, како и за забрзување на интеграцијата на земјите како што е Северна Македонија.

Во изјавата за медиуми, премиерот Ковачевски посочи дека во текот на денот ќе оствари средби со повеќе државници присутни на вториот Самит на Европската политичка заедница како средба со премиерката на Данска, премиерот на Молдавија и други. Дополнително, во одговор на новинарско прашање пред почетокот на вториот Самит на Европската политичка заедница, премиерот Ковачевски посочи дека стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година и дека скрининг процесот треба да заврши многу скоро. Истакна дека земјата ја очекуваат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата. Северна Македонија покажа дека низ дипломатија и тешки одлуки успеа да стане земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и земја претседавач со ОБСЕ, фактор на стабилност во регионот.

Премиерот Ковачевски посочи дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на интеграција, туку напротив заедница која ќе обезбеди подобра соработка на целиот регион во насока на надминување на предизвиците со кои се среќава Европа, а кои се предизвикани од руската воена агресија врз Украина. Премиерот Ковачевски посочи дека настани како овој денес, се одлична основа за креирање политички одлуки кои ќе обезбедат поголема поддршка за сите граѓани.