Украина

Столтенберг: Сојузниците се согласни Украина да стане членка на НАТО

01.06.2023 12:27

Сите сојузници на НАТО се согласни Украина да стане членка на Алијансата, вели генералниот секретар Столтенберг. Синоќа Киев повторно под серија руски напади. Има загинати деца и жени, ова е четвртиот и досега е најжестокиот воздушен напад неделава врз украинската престолнина...

Сите сојузници на НАТО, се согласни Украина да стане членка на Алијансата. Вратата е отворена за Киев, а Москва нема право на вето за проширувањето. Министрите за надворешни работи на НАТО, на вториот ден од состанокот во Осло, со анализа на новите трошоци за одбрана и идните односи со Украина.

„Сојузниците и партнерите на НАТО обезбедија невидено ниво на поддршка за Украина, помагајќи им да ја вратат и ослободат украинската територија. Разговаравме и за аспирациите за членство, а сите наши сојузници се согласуваат дека вратата на НАТО е отворена за нови членки“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

НАТО треба да размисли какви безбедносни гаранции може да му даде на Киев, вели шефицата на француската дипломатија. Од германското МНР децидни, НАТО не може да прифати нови членки додека се среде војна.

„НАТО секогаш појаснуваше дека се применува политиката на отворени врати. Во исто време јасно е дека не можеме да зборуваме за прифаќање нови членки кои се среде војна“, изјави Аналена Баербок-министер за надворешни работи на Германија.

Украинскиот претседател Зеленски на Самитот на Европската политичка заедница во Молдавија исто така зборуваше за важноста НАТО да ја има Украина како членка и предупреди на можна руска агресија во другите делови на Европа. Шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вели дека на состанокот во Кишињев ќе испрати порака за единство.

„Русија не е тука не затоа што не сакаме да ја поканиме, туку затоа што Русија на Путин ја исклучи оваа заедница со започнувањето на овој напад, оваа неоправдана војна против Украина“, рече Жозеп Борел – висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Во меѓувреме САД одобрија нов пакет воена помош од 300 милиони долари, којшто меѓу другото вклучува муниција за украинската одбрана. Сирени за тревога во Киев, во текот на ноќта Москва изврши напади врз украинскиот главен град. Има загинати и повредени цивили меѓу кои и деца.

„Се разбудив и го видов пожарот. Вратата ми беше скршена, ја разбудив мајка ми и истрчавме до ходникот. Видовме луѓе како трчаат. Прозорците беа скршени, балконите уништени“, рече Никита Маслун – жител на Киев.

Гранатирања и во рускиот регион Белгород, којшто се граничи со регионот Харков во Украина. Гувернерот вели дека при напад оштетени се згради и има повредени.

„Беше лошо утро во регионот на Белгород – има постојано гранатирање од Вооружените сили на Украина. Штом ќе се смири гранатирањето ќе продолжиме да ги изнесуваме луѓето, сите привремени пунктови за сместување се подготвени“, додаде Вјачеслав Гладков-гувернер на регионот Белгород.

Изминатите денови во напади со дронови беа оштетени и згради во Москва, за што Кремљ го обвини Киев.

 

 

Маријана Димовска