Прилеп: Почна караванот „Тоше за овој свет“
Под мотото „Тоше за овој свет“ спомен домот на Тоше Проески денеска, на Меѓународниот ден за заштита на децата, го почна караванот низ македонските училишта. Прво од прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ за првпат се изнесуваат предмети од Музејот а се за презентација на ликот и делото на големата македонска и балканска музичка ѕвезда која многу ги сакаше децата. Тоше беше најмладиот амбасадор на УНИЦЕФ…

Со оригиналната облека на Тоше од неговото последно интервју, со омилената бела гитара и со репликата на костимот од Евровизија, спомен куќата на Тодор Проески го почна караванот низ училиштата во Македонија. Под мотото „Тоше за овој свет“, македонските ученици ќе се запознаваат и потсетуваат на големото дело на музичарот и најмлад амбасадор на УНИЦЕФ.
Спомен куќата на Тоше е меѓу петте најпосетувани музеи. Има 630 предмети поврзани со делото на Тоше Проески и досега ја посетиле преку еден милион гости.
Елизабета Митреска
